Лазаров и Нант немоќни во „Палау Блауграна“, Барса втор учесник на Ф4 во Келн

Ракометарите на Барселона вторпат го надиграа Нант (29-26) во четвртфиналето и се вториот учесник на завршниот турнир во Келн во рамки на Лигата на шампионите.

Шпанскиот првак ги надигра Кирил Лазаров и уште тројца поранешни членови на клубот, кои моментално настапуваат за францускиот гигант, и обезбеди место меѓу најдобрите четири на стариот континент.

  • Потег на натпреварот: 

Се играше гол за гол во почетните десет минути, а потоа Ласе Андерсон со неколку индивидуални акции донесе прва чувствителна предност за домаќинот. Французите играа агресивно во одбраната, но немаа никаков одговор на расположените Дика Мем и Лудовик Фабрегас. Тука беше и Алеиш Гомез, кој беше стрелец на голот кој донесе највисоки 15-10 во првиот дел.

До паузата, гостите намалија на 17-14 и во подобар ритам го завршија полувремето. Високата разлика од мечот во Франција им овозможи на избраниците на Чави Пасквал да играат без притисок и само да ја држат позитивата на своја страна.

Тоа успеваа да го направат во поголемиот дел од продолжението во кое Нант единствено се доближи на еден гол во 47. минута. Капитенот Виктор Томас направи своја серија и ја однесе Барса на 25-21 што беше и крај на сите надежи на противникот.

Нашиот репрезентативен капитен постигна три гола и запиша уште толку асистенции. Со пет гола кај каталонскиот тим се истакна Андерсон, а кај гостите прв стрелец беше Николас Турна. Барса веќе има шест титули оваа сезона и вторпат во историјата ќе се обиде да освои седум од седум круни ако на 2 јуни го подигне големиот трофеј од Лигата на шампионите. 

Претходно, Веспрем на Дејан Манасков го доби двомечот со Флензбург и прв обезбеди место на завршниот турнир во Келн.