Лазаров: Групата е добра, СП е идеална шанса да видиме до каде сме

Ракометната репрезентација на Македонија во „пет до дванаесет“ замина за Египет и ќе биде дел од Светското првенство (СП). Чешка се откажа, нашиот национален тим влезе како „златна резерва“, а капитенот Кирил Лазаров е среќен што континуитетот продолжува.

Иако поканата од ИХФ пристигна доцна, нашиот национален тим се подготви за светскиот настан, затоа што десет дена беше заедно и одигра два пријателски меча против Чиле. Лазаров вели дека групата е поволна и потенцира дека ова СП ќе биде добра шанса да се види состојбата на македонскиот ракомет кој претрпува подмладување.

„Информацијата за настапот на СП ја добивме на вечерниот тренинг. Влеговме како замена, но подготвени сме, затоа што повеќе од десет дена сме заедно и одигравме тестови со Чиле кои беа добредојдени. Се најдовме во една добра група, за која, можам да кажам дека имавме доста среќа, затоа што ако можевме да бираме каде ќе играме, сигурно ќе ја одберевме оваа група.

Прв противник за нас е Шведска, која на СП доаѓа десеткувани, без најмалку осум првотимци. Индиректно ни се дава шанса да бидеме повеќе конкурентни, па дури и да изненадиме. Среќен сум што играме на ова СП, затоа што може да видиме до каде сме и во каква ситуација индивидуално и колективно е македонскиот ракомет, па потоа ќе може да се направи детална анализа, што и како понатаму“, вели Лазаров.

Македонија мундијалското деби во Египет ќе го има против Шведска, утревечер (четврток). Нашиот национален тим редовно игра на големите настани, па со оваа можност да се биде дел од светската сцена, продолжуваат игрите на големите собири во месец јануари. Овој пат, Македонија ќе биде далеку подмладена, затоа што во тимот нема дел од искусните играчи како Борко Ристовски, Гоце Георгиевски, Дејан Манасков, Велко Маркоски...