• Горан Упале

Ретко кој веруваше дека ракометниот клуб Алкалоид за толку краток период ќе успее да стигне толку високо не само на македонската, туку и на европската ракометна мапа. Со трофеите од Купот и Суперкупот на Македонија, како и со последниот во ЕХФ Купот, тимот од „Автокоманда“ веќе зазеде сериозно место во мак-ракометот, но и покрај тоа тренерот Кирил Лазаров потенцира дека треба да се остане смирено на земја и да се оди чекор по чекор.
„Со господинот Живко Мукаетов влегов во овој проект кој е многу важен за македонскиот ракомет. Бев во многу врвни клубови, а Алкалоид се движи во таа насока во сите сегменти на организацијата. Ќе станува уште посериозен од година во година. Можеби некои работи се постигнаа пребрзо. По титулата во Купот на ЕХФ, чувствувам дека амбициите на сите брзо пораснаа. Се очекува повеќе, со многу нетрпение и нервоза, што не е видливо однадвор. Ја знам својата работа, одиме чекор по чекор. Ова е проект каде што во секое време знаете што сакате и од резултатите и од играчите. Клубот функционира одлично, и можам да го споредам со клубовите и земјите во кои сум бил. Убаво е да се биде тренер на таков тим.
Имаме добро организирана база каде што можеме да работиме 24 часа на ден. Покрај првиот тим, направивме многу и со помладите категории. Освоивме шест национални титули во јуниорските категории. Покрај Алкалоид и Мулти Есенс, што е многу важно за развојот на младите македонски играчи, имаме уште шест селекции под овие две имиња. Повеќе од 200 македонски играчи тренираат секој ден, имаат свои тренери, програма, исхрана - и според нашите стандарди функционираат исклучително добро. Многу сум горд на тоа. Тоа е вистински македонски концепт. Ова не е училиште, зборувам за 200 одбрани играчи. Тоа е одлична основа за иднината. Браво за сите во клубот кои се грижат за толку многу млади спортисти, македонски деца“, рече Лазаров во подкастот на „Балкан Хендбол“.
Лазаров и Алкалоид оваа сезона нема да ги гледаме на меѓународна сцена, затоа што немаше среќа во ждрепката и испадна во баражот за Европската лига од германски Хановер.










