Лазаров: Ги сакам најголемите предизвици, сите мои успеси се заслужени!

Лазаров

Нант заедно со Кирил Лазаров направи мал подвиг и го елиминираа Киелце во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Никој не веруваше дека по минималниот пораз на домашен терен, францускиот претставник ќе направи чудо во Полска. Но, тоа се случи, а нашиот селектор и репрезентативен капитен во разговор со „Ouest-france“ зборуваше за остварениот успех.

„Најважен за мене е духот, ентузијазмот што ми го дава овој тим, самодовербата со која се развивам тука. На крај, тоа ни овозможи да победиме против Киелце, кој важеше за кандидат за висок пласман во Лигата на шампионите. Победивме и испишавме уште една страница во историјата на клубот. Никој не очекуваше да го постигнеме овој подвиг во Полска, но ние знаевме дека можеме да го направиме тоа. Па, ние заслуживме да победиме во првиот натпревар на домашен терен. Имавме можност да направиме разлика од три или четири, но тој ден направивме многу грешки“, изјави македонскиот селектор.

40-годишникот оствари неколку рекорди во тековната сезона, кои вели дека се плод на неговата напордна работа и труд низ годините.

„Секогаш си поставувам високи цели. Ги сакам најголемите предизвици. Рекордите се производ на напорната работа и труд од цела кариера. Кога ќе направам една анализа ќе заклучам дека сите успеси кои сум ги постигнал се заслужени“, вели Лазаров.

Последна пречка пред завршниот турнир за Нант ќе биде Веспрем, кој рутински го елиминира Вардар во осминафиналната фаза.