Лазаров даде девет гола од кои еден „златен“ - за победа над Сесон!

Капитенот на машката ракометна репрезентација Кирил Лазаров имаше перфектен натпревар во францускиот шампионат и во мечот со Сесон Рен донесе „златен“ триумф за фаворитот, од 29-28 (13-15).

Нант цел меч се мачеше, а спасител беше македонскиот ракометар. Двата тима играа егал меч, се до самиот финиш, односно на шест секунди пред крајот, кога Лазаров со еден одличен шут ја стресе мрежата на Сесон, за конечни 29-28.

Лазаров го заврши натпреварот со девет постигнати гола и го носи епитетот играч на натпреварот. Втор стрелец на Нант беше Николас Клер со осум гола, додека Думолан запиша само пет одбрани.

Нант останува перфектен во француската лига и по шест кола има шест победи.