Лазаров: Да одговориме со соодветна тактика за Норвежаните

Прибак и Кире Лазаров на тренинг

Нема знаци од уморот во претходните денови и македонските ракометари подготвено ќе ја дочекаат средбата со Норвешка. По добро одработениот тренинг синоќа, денес следува нормалната процедура на денот на натпреварот. Концентрација, анализа на противникот, ручек и задолжителен одмор до пред 17.00 часот, кога нашата делегација пристигнува во „Краков арената“. Капитенот Кире Лазаров верува дека мечот со Норвешка ќе биде спротивен од нашето последно издание против Хрватска. 

„Можеби немавме високо мислење за Норвежаните пред нивниот дуел со Полска, но тоа не значи дека тие ќе го достигнат истото ниво и против нас, ниту пак дека ние ќе одиграме така слабо како против Хрватска. Ние играме малку побавен ракомет од нив, со што правиме доста измени одбрана-напад. Тоа многу нè чинеше против една тркачка репрезентација како што е Хрватска. Треба да се биде паметен, максимално концентриран, фокусиран, грешките да ги намалиме, добро да ги анализираме Норвежаните и да им одговориме со соодветна тактика“, истакна Лазаров.

Македонија е првата селекција која ја прескокна првата фаза без победа, а сега во мечевите со Норвешка и Белорусија ќе брка барем еден триумф на шампионатот во Полска.