Лазаров: Алкалоид веќе има поставено систем кој само го надградува

Алкалоид се полни со енергија преку тренинзите во кампот на Маврово каде што го има потребниот мир и концентрација, како и сите други услови за непречена работа и постигнување на целта. Планираните активности на Маврово ќе бидат реализирани за вкупно 10 дена, потоа екипата ќе се врати во Скопје од каде ќе ги координира следните активности.

Тренерот Кирил Лазаров и ракометарите се задоволни и од условите за работата и тоа начинот на кој се одвиваат подготовките во овие воведни денови од летната предсезона.

„Маврово ни нуди прекрасни услови за да се спремиме и да бидеме на нивото за она што ни следува. Најважно ни е што тука имаме мир, можеме да работиме и да анализираме, воедно да градиме и добра атмосфера, сите да се дружиме заедно и да изградиме силно заедништво.

Играчите се максимално сконцентрирани и мотивирани, работат дисциплинирано и задоволен сум како течат подготовките. Веќе имаме поставено систем кој го надоградуваме и позитивно гледам и на подготовките и на периодот кој што не очекува.

Веќе одигравме еден пријателски натпревар со кадетската репрезентација на Македонија, бевме нивен спаринг-партнер пред настапот на Европското првенство, ќе имаме уште пет до шест квалитетни пријателски дуели. Нема да биде цел да победуваме по секоја цена, сакам да им дадам шанса на сите играчи, со цел сите играчи да бидат спремни за предизвиците кои ни следат, затоа што сезоната ќе ни биде долга и напорна“, изјави Лазаров на подготовките во Маврово.

Алкалоид по подготовките во Маврово ќе замине на турнир во Охрид пред крајот на август кој ќе биде увертира за Суперкупот на Македонија кој е предвиден на стартот на септември.