• Иван Димовски

Ракометарите на Вардар 1961 влегоа во подоготвките за новата сезона со видоизменет состав, меѓутоа исти амбиции како и секогаш – двојна домашна круна. Исто така се очекува и настап во Европската лига на ЕХФ, па Владо Недановски треба порано да ги склопи сите коцки и покрај измените во составот.
Еден од носителите на играта во минатата сезона беше кружниот напаѓач Милан Лазаревски. Тој под „менторство“ на Столе Стоилов сериозно напредува во играта и стана незаменлив дел на Вардар, меѓутоа се наметнува и во репрезентацијата. Пред првиот тренинг популарниот „Мечка“ ги сподели своите очекувања.
„Без разлика на минатата сезона која заврши несреќно за нас, поради ситуации кои не беа во наши раце не стигнавме до посакуваната цел. Оваа се враќаме на европска сцена, амбициите остануваат исти. На секој натпревар мора да одиме на победа. Што тоа ќе донесе и каков ќе биде епилогот – ќе видиме, но нашиот пристап е ист.
Од тимот заминаа неколку важни играчи, Томовски и Јасухира беа важен дел со запазени улоги. На крајот од првенството тие беа најдобри на своите позиции во лигата. Сепак, како и да е ракометот не е индивидуален спорт, ќе мора да наоѓаме начини да ги надополниме отсуствата. Треба да се потрудиме за екипата да биде на исто ниво. Сите нови играчи делуваат како одлични момци, делуваат позитивно. Сметам дека тие поседуваат квалитети кои треба да се искористат во нашата игра“, изјави Лазаревски.
Вардар пред стартот на следната сезона ќе настапи на два турнири во август, во Струга и Охрид, а во текот на подготовките ќе мине и период во Маврово.
В петок вардарци ќе ги дознаат противниците во Европската лига на ЕХФ.