• Иван Димовски

Ракометната селекција на Македонија одигра одличен натпревар и заслужено го победи Катар со 39-34, во второто коло од главната фаза на Светското првенство.
По натпреварот во „Арена Вараждин“ својот став за случувањата го изнесе ракометарот Милан Лазаревски, кој кажа:
„Многу важно беше за нас да одигравме вака добар натпревар. Гледам да ја искористам секоја шанса која ќе ми ја укаже селекторот. Ги знаевме проблемите кои може да ни ги зададе катарската селекција. Катарците се искусни и многу физички силни, но ја капитализиравме нашата брза игра. Нашиот селектор одлично го подготви натпреварот и ние спроведовме што тој ни претстави пред натпреварот.
Овој тим уште не го покажал целиот потенцијал и убеден сум во нашиот квалитет. Се надевам дека уште ќе растеме и ќе играме вака важни натпревари. Сега треба уште повеќе да уживаме и да се надеваме на уште едно добро издание против Франција“.
Во последното коло Македонија ќе игра против апсолутниот фаворит Франција в сабота во 20:30 часот, а тоа треба да биде натпревар за уживање и награда за одличниот мундијалски настап.