• Горан Упале

Марјан Лазаревски, големиот борец покрај линијата за шест метри, уште еднаш беше еден од предводниците на Вардар 1961 до голем успех сезонава на домашната сцена. „Црвено-црните“ по осумнаесетти пат го освоија Купот на Македонија, откако во финалната пресметка со минимални 23-24 го совладаа составот на Охрид.
„Ова беше многу тежок натпревар. Секоја чест за момците за борбата, честитки и за Охрид кој уште една го покажа својот квалитет и амбиција. Охрид со ништо не нè изненади, сè што анализиравме се случуваше на паркетот. Нивниот голман имаше свој ден и тој беше најзаслужен што натпреварот беше вака тесен и возбудлив до крај. Мислам дека во други услови би било поубедливо за нас.
Сепак, Охрид е незгоден противник, но ние сме најквалитетната екипа во Македонија. Тоа ќе го потврдиме со двојка круна. Чест ми е што сум дел од оваа екипа, честитки за сите во клубот“, рече Лазаревски.
Вардар 1961 е на чекор до враќање на шампионската титула во Суперлигата, откако во првата фаза од плеј-офот славеше над Еурофарм Пелистер, Охрид и Алкалоид.

