Лазаревски: Одбраната на пелистерци ја пробивме, разликата беше во голманите

Кружниот напаѓач Милан Лазаревски игра одлична сезона во дресот на Вардар 1961. Изгледа како клон на тукушто пензионираниот Столе Стоилов кој сега е во стручниот штаб, а тоа го потвдува со фактот дека заврши како најдобар стрелец во победата со Еурофарм Пелистер (30-25).

„Ова беше многу тежок, машки натпревар. Без разлика на резултатот, станува збор за исклучително добра екипа, ама ние добро анализиравме, стручниот штаб солидно нè подготви. Имавме свои добри моменти, но и тие имаа во вториот дел. Денешната разлика ја направија голманите кои што беа на завидно ниво. Во глобала, се снајдов лесно со одбраната на Еурофарм Пелистер.

Натпреварот беше таков што видовме дека во три минути се надоместува висока негатива. Сите натпревари се играат до крај, средбите кои ни следат ќе ги играме со максимален пристап и ќе ја креваме формата заедно со стручниот штаб“, изјави Лазаревски.

Лазаревски мечот го заврши со шест погодоци исто колку што имаше Срдановиќ. Кога ќе се надоврзат добрите две партии со Рајн Некар Левен, како и онаа во Суперкупот со пелистерци, пивотот го чека добра сезона.