• Иван Димовски
Ракометарите на Вардар 1961 си го обезбедија најмалку второто место во групата од главната фаза на Европската лига, откако ја победија Бенфика со 33-27 и ја анулираа разликата од пет гола од Лисабон. Токму двата меча беа апсолутна спротивност ако се гледа само одбраната, бидејќи таму тоа беше проблемот, а вчера во СЦ „Јане Сандански“ движечка сила.
По натпреварот анализа на одиграното даде Милан Лазаревски. Капитенот на Вардар беше среќен, меѓутоа посочи дека овој тим треба уште да се воигрува и да расте пред клучните битки оваа пролет.
„Благодарни сме на публиката која беше присутна, навистина има енормна разлика кога играме дома и на гости, особено кога имаме ваква поддршка и среќен сум што ги израдувавме. Мило ми е што победивме, но имаме многу сегменти што треба да ги поправиме како и на доста натпревари досега. Имаме доста осцилации, а мислам дека ако сме малку подисциплинирани во некои моменти можеби ќе бидеме поубедливи на следните натпревари. Голманите секогаш се поддршка, нашите се исклучително квалитетни. Наша задача е да им помагаме. Веројатно нашата одбрана дојде до израз во одредени сегменти. Нивните технички грешки беа изнудени од нас. Кога ќе се одбраниме, сакаме бргу да реализираме бидејќи на тоа се темели нашата игра и доаѓа до грешки.
Во Лисабон мечот беше многу хаотичен, влеговме во црна серија по добриот почеток. На стартот на вториот дел имавме неколку шанси да дојдеме на минус еден, не искористивме. Карактерот ни влијае во тие моменти, ама не и ладната глава. Иако помина полусезона, ние сме целосно нов тим и потребно е време за да се навикнеме едни на други. Во пораст сме, можеби не со крупни чекори, ама сè додека одиме во нагорна линија – прифатливо е“, изјави Лазаревски.
Во последното коло на Европската лига вардарци му гостуваат на Мелсунген во директен дуел за првото место во групата.






