„Лавовите“ со +2 патуваат за Нант, картите за четвртфинале широко отворени

Нокаут фазата на Лигата на шампионите беше отворена со супер-драматичен дуел во Манхајм, каде Рајн Некар Левен го совлада Нант со 34-32 (17-15) и стекна минимална предност пред реваншот по десет дена во Франција.

Нашиот Лазаров одлично го почна натпреварот и постигна два брзи гола, а подели и неколку асистенции. Французите играа многу лесно и комбинаторно и при 4-7 Јакобсен побара тајм-аут. Германците ја консолидираа играта, Колбахер постигна шест гола и во 21. минута резултатот беше израмнет (11-11).

Ниту минута одмор на Тјери Анти не ги созеде гостите, Апелгрин се разбрани и со двата гола на Штефан Фет во последните две минути, Рајн Некар Левен на одмор замина со 17-15.

Двете страни енергично започнаа и во вториот дел. Aпелгрин одлично бранеше, но Ниокас со два гола ја сопре домашната серија. Кога Гудјон Валур Сигурдсон погоди од крилна позиција во 41. минута, првпат домаќинот поведе со +3 и гостинскиот стручен штаб повика минута одмор. Бројот на технички грешки се израмни и десетина минути дистанцата беше 2-3 гола во полза на германскиот вицешампион. 

Јакобсен го стави Талески во одбраната 3-2-1, а Липовина со два гола одговори на обидите Французите да израмнат (28:25). Шмит низ гостинската одбрана постигна важен гол за првпат Германците да поведат со+4 во 50. минута. Нант не се предаваше и преку Ниокас ја преполови предноста на германскиот тим. Следеше исклучување од две минути на Менсах Ларсен, па и на Талески и Ниокас и Гурбиндо погодија за 32-30 на две минути до крајот. Сепак, во последните пет секунди најнапред Шмит погоди во игра седум на шест, но Французите брзо возвратија и Емоне на празен гол ги постави финалните 34-32. 

Кај Рајн Некар Левен нашиот Филип Талески доби шанса во одбраната, а најефикасни беа Колбахер со 11 и Шмит со седум гола. Во таборот на Нант, репрезентативниот капитен Кирил Лазаров беше автор на два гола, а најефикасни беа Ниокас со седум, Гурбиндо со шест и Лагард со пет погодоци.