„Лавовите“ продолжија да го гонат Вардар, го добија Кристијанштад

Екипата на Рајн Некар Левен забележа нова победа во ракометната Лига на Шампиони, откако како гостин во Шведска потешко од очекуваното славеше над Кристијанштад (29-31).

„Лавовите“ важеа за фаворити, но екипата од дното на табелата во групата во која е и Вардар направи доста проблеми. Уште по првото полувреме Кристијанштад даде до знаење дека нема да се предаде, откако замина на пауза со предност од еден гол (16-15), а потоа, дојде и до предност од два гола (21-19), која не успеа да ја задржи во продолжението од мечот, кога искуството исплива на површнина.

Рајн Некар најпрво од 23-23 успеа да се одлепи на 23-25, а потоа и мирно во завршница да го приведе мечот кон посакуваниот триумф. Најефикасен во победата на „лавовите“ беше Баена Гонзалес со 8 гола, а Шмид додаде уште 7, додека кај домаќинот Гудмунсон даде десет гола. Во составот на Германците ги немаше двајцата македонски репрезентативци Филип Талески и Дејан Манасков, едниот поради немање право за настап, а вториот поради повреда.

Рајн Некар Левен сега е втор во групата со 15 бода, веднаш зад Вардар кој има 16 бода.