„Лавовите“ од Манхајм преголем залак за Еурофарм Пелистер во ЕЛ

Македонски Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај Рајн Некар Левен во Германија (28-20) и го доживеа вториот неуспех сезонава во рамки на новоформираното натпреварување на ЕХФ, Европската лига.

Фаворитот во групата и со половина сила го запиша посакуваниот триумф. Половина од првиот дел „зелените“ беа конкурентни, но потоа „лавовите“ од Манхајм ја казнија секоја грешка и избрзана одлука во нападот, па си го трасираа патот до посакуваната победа, втора во првата сезона на ЕЛ. За Пелистер ова беше втор сезонски пораз на гости, по оној против ГОГ Гудме во Данска.

Двата тима го започнаа мечот од Европската лига доста неефикасно. Голманот на РНЛ бранеше, но тука беше и Чаневски кој беше одличен и за десет минути собра три одбрани. Резултатот беше 4-4, битолчани имаа шанса двапати да поведат, а откако не ја искористија, стигна казната.

Најдобриот игач на „лавовите“, Уве Генсхајмер, влезе во ритам и со четири гола во мрежата на гостинот донесе позитива од 7-4 за својот тим. Одтогаш домашните константно водеа, беше 9-6, па 12-9, позитива од три гола која се задржа до паузата (14-11). Одличен кај гостите беше Мартин Велковски, кој имаше атрактивен гол пред финишот на првиот дел и забележа релизација 3/3.

Еурофарм Пелистер продолжи да брка резултат на стартот на вториот дел, ама тешко спушташе. По пет минути игра резултатот во „САП Арена“ гласеше 17-14, а во 40. минута Рајн Некар Левен дојде и до највисока предност во тогашниот дел од мечот од пет гола (20-15). Лошата комбинација во нападите на Пелистер донесе нови два брзи гола за РНЛ, преку Толбринг и Вајгел, за 22-15 и на десетина минути пред крајот победникот беше јасен.

Најдобар кај РНЛ беше Вајгел кој даде седум гола од седум обида, пред Генсхајмер со шест погодока, додека кај македонскиот тим Периќ даде пет, пред Мараш со четири, а Велковски заврши со три реализации.

Следниот натпревар за Еурофарм Пелистер во Европската лига на ЕХФ е на гостински терен во Словенија, кај Тримо Требње.