• Мартин Танасковски

Екипата на ЖРК Ѓорче Петров се пласира во финалето во групата за пласман на Ф4-турнирот од Купот на Македонија со победа во дерби-пресметката против ЖРК Чаир (35-30).
„Лавиците“ од Ѓорче Петров заслужено се на чекор до завршницата, затоа што диктираа темпо на игра во текот на целиот натпревар. Чаир беше во егал до 13-12, а потоа тимот на Симовски влезе во ритам и на полувреме замина со 18-14. Со таа разлика, беше лесно да се игра во вториот дел.
ЖРК Чаир во вторите 30 минути константно бркаше, но ниеднаш не спушти под пет гола. Највисоко што ЖРК Ѓорче Петров водеше беше осум гола. Најдобра кај победникот беше Ангела Јанкуловска со седум гола, пред Николиќ и Ризоска со по пет, а кај ЖРК Чаир, Теодора Гулицоска имаше десет гола.
Сензацијата во полуфиналињата ја направи ЖРК Спартак, тим кој немаше победа досега, ама славеше над ЖРК Скопје (27-25). Со 12 имиња во ростерот, тимот забележа голем триумф. Јана Ѓошевска постигна 11 гола, кај Спартак, додека кај Скопје, Антонија Радевска имаше седум погодока.
На останатите натпревари ЖРК Вардар беше убедлив со ЖРК Шампион (32-18), слично беше и со Стружанка против Астибо (27-19), а ЖРК Металург дојде до триумф со ЖРК Овче Поле (31-25).
По комплетирањето на натпреварите, познати се и финалињата. За место на Ф4-турнирот ќе следат натпреварите ЖРК Ѓорче Петров - ЖРК Спартак, ЖРК Вардар - ЖРК Деспина, ЖРК Стружанка - ЖРК Металург и ЖРК Пелистер - ЖРК Куманово.