Ландин: Победивме на искуство во дуел пред неверојатно добра публика!

Во Битола низ годините наназад гостувале Флензбург, Магдебург, Рајн Некар Левен, Фуксе Берлин, Лемго, но никогаш Кил. Гигантот од северна Германија вечерва првпат ја почувствува атмосферата во Битола и тешко издвојува победа од 20-23.

Данецот Ландин го истакна искуството како клучен фактор за победникот во овој дуел. 

„Неверојатно тежок натпревар за нас, пред апсолутно неверојатна публика. Атмосферата беше навистина прекрасна во текот на целиот натпревар. Како што реков, на крајот дојдовме до тешка победа, во која сметам дека нашето искуство одигра клучна улога, бидејќи ги направиме вистинските потези во последните минути од средбата и го испочитувавме договорот“, рече Магнус Ландин.

Во Бундеслигата Кил е петтопласиран со два порази на почетокот од сезоната (од Мелсунген и Флензбург), но затоа во Европа имаат максимален учинок. Утре изутрина „зебрите“ летаат ид Охрид за Лајпциг, каде ќе го подготвуваат саботното дерби во Магдебург.