Ландин: Од мал имам здравствен проблем, но се навикнав и изградив успешна кариера!

Еден од најдобрите светски ракометни голмани, Никлас Ландин, во интервју за германски „Билд“ изјави дека од мали нозе има голем проблем со слухот и дека скоро воопшто не слуша на едното уво. 

Ландин додека бил бебе добил менингитис (запаление на мозочните обвивки) и како последица од болеста, останал наглув на едно уво. Одличниот голман рекол дека со текот на годините се навикнал на ситуацијата и дека денес тоа скоро и да не му пречи. 

„Се навикнав, ситуацијата е таква и не можам да си дозволам да се нервирам поради тоа. Низ годините многу пати помислував на хируршки зафат и ласерски операции, но докторите ми рекоа дека овие зафати не секогаш вродуваат со плод.

Среќен сум што другите сетила ми се одлично развиени и ги користам максимално. Понекогаш можеби е дури и добро што не ги слушам советите на тренерот Филип Јиха и повеќе се концентрирам на својата игра“, низ смеа изјавил Ландин. 

Капитенот на данската репрезентација има навистина блескава ракометна кариера. Тој со својата селекција е освојувач на Светско и Европско првенство, има златен медал од летните Олимписки игри, а има и трофеј во Лигата на шампионите на ЕХФ.

Во последните осум сезони со огромен успех настапува за германскиот гигант Кил, а во интервјуто за „Билд“ рекол и дека драго му е што наскоро ќе се врати во Данска и ќе потпише за Алборг, затоа што така ќе биде многу поблизу до неговото семејство. Тој веќе има 34 години и најверојатно ќе стави крај на исклучително богатата и преуспешна кариера.