• Саше Љолес
Екипата на Вецлар, која во моментов ја предводи нашиот Филип Миркуловски, доживеа пораз во натпреварот со Лајпциг со резултат 38-29 во натпревар од 31. коло на Бундеслигата.
Вецлар солидно го започна натпреварот, гостите имаа водство неколку пати во текот на првите десетина минути, но потоа Лајпциг заигра многу поконкретно и наметна силно темпо. Домашните уште во првото полувреме го свртеа резултатот, а на истекот од првите триесет минути водеа со резултат 17-10.
Во второто полувреме Лајпциг им приреди на своите фанови вистинско шоу, а домашните ракометари почнаа да го полнат голот на „зелените“. Ракометарите на тренерот Миркуловски немаа одговор на мотивираните ривали кои на крајот стигнаа и до преубедливи девет голови предност (38-29).
Најефикасни кај победничкиот тим на Лајпциг беа Шиме Ивиќ и Оскар Сунефелд со по седум голови, додека кај Вецлар најрасположен за игра беше Адам Нуфјал, исто така со седум погодоци.
Лајпциг сега се наоѓа на 13. место со 27 бода, додека Вецлар ја држи 16. позиција на табелата со 17 бодови и стои веднаш над опасната зона. До крајот на првенството во Германија остануваат уште три кола.