
Хрватскиот шампион Подравка Копривница, која се пласираше во групите од Лигата на шампионите преку квалификации, приреди изненадување на стартот и славеше над германскиот првак Турингер со 26-28.
Подравка отвори со водство од 0-4, па 1-6. До крајот на полувремето, Турингер се врати на минимална негатива, 11-12, а во вториот дел за првпат поведе со 13-12. Сепак тоа беше максимумот од германскиот првак.
По 14-14, гостинките во вториот дел направија серија од пет погодоци за 14-19 и до крајот не ја испуштија високата предност, која на моменти изнесуваше и +7. Точка на мечот стави поранешната вардарка Ихнева со голот за 26-28. Македонската интернационалка Јована Саздовска даде еден погодок во поразот на Турингер
Францускиот Мец немаше проблеми на домашен терен и го победи ослабениот норвешки Ларвик со 31-20.