• Саше Љолес

Женската ракометна репрезентација на Македонија ги започна подготовките за квалификациските натпревари против Шпанија за пласман на Европското првенство.
Нашите девојки првиот меч ќе го одиграат во салата „Борис Трајковски“ на 29 февруари, со почеток во 18:00 часот, а влезот ќе биде слободен за сите искрени љубители на ракометот. Македонија забележа две победи на стартот и ги совлада Литванија и Азербејџан, а дуелите со Шпанија директно ќе одлучуваат за првото место во нашата група.
Шпанија и Македонија во моментов имаат по четири бода. „Фуријата“ е секако голем фаворит, но нашите репрезентативки сигурно ќе се обидат пред домашната публика да извлечат поволен резултат против силниот ривал и ќе дадат сѐ од себе за изненадување и евентуална победа. Возвратниот дуел ќе се одигра на трети март во шпанскиот град Ланзароте.