• Мартин Танасковски
Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, не го криеше разочарувањето по поразот од Алкалоид по пенали во финалето од Купот на Македонија. Македонскиот репрезентативец им се извини на сите навивачи, а порача дека во мечевите за титула ќе се види вистинскиот Еурофарм Пелистер и играта која треба да го краси тимот.
„Навистина ми е криво затоа што одигравме еден слаб меч, не бевме Пелистер од оваа сезона. Честитки за Алкалоид за триумфот. Криво ми е за Битола, за навивачите, за нас како играчи... Сите дадовме се од себе, можеби денес немавме среќа, но ветувам дека во последните две кола ќе го видите вистинскиот Пелистер. Давам ветување, до сите навивачи, до сите граѓани на Битола. Мора да бидеме со мирни глави и потенцирам - во мечот за титула сите ќе го видат правиот Пелистер“, изјави Кузмановски.
Еурофарм Пелистер повторно загуби финале во Купот, по оние во минатите години со Вардар 1961. „Зелените“ чекаат на овој трофеј уште од 2009 година, кога последен пат дојдоа до одличјето.