Кузмановски: Среќен сум што пак го победивме Вардар, покажавме дека сме подобри!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го освоија трофејот во Суперкупот, откако го совладаа Вардар 1961 (28-27) во Кавадарци. Битолчани го кренаа првиот трофеј во новата сезона и имаат добра увертира за стартот на предизвиците во Суперлигата и Лигата на шампионите. 

По победата анализа на одиграното и најава на предизвиците кои следат даде капитенот Филип Кузмановски.

„Откако имав вирус за време на турнирот во Охрид, важно беше да се вратам за тимот да почне да се вклопува. Навистина сум среќен што повторно го победивме Вардар, на еден прекрасен меч. Покажавме уште на пријателските дека нашето заедништво и фактот дека го задржавме ланскиот костур многу ни помага, мислам дека во моментов сме подобри и тоа го покажавме.

Пелистер секогаш цели на максимум, сака да победува секогаш. Сакам да им се заблагодарам на нашите навивачи, каде и да одиме ја имаме нивната поддршка и тие ни се осми играч. Продолжуваме напред, стартуваме во Суперлигата со Бутел, а потоа ќе се подготвуваме за стартот на Лигата на шампионите. Очекувам полна сала за натпреварот против Загреб во Битола, бидејќи овој тим тоа го заслужува“, изјави Кузмановски.

Пелистерци веќе попладнево играат против Бутел Скопје во првиот суперлигашки натпревар, а следната среда го дочекуваат Загреб во првото коло на елитното европско натпреварување.

Најнови вести од
Суперкуп на Македонија, Македонија