Кузмановски: Се чувствувам добро, се надевам на брзо заздравување

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски се соочува со непосакувани проблеми при пристигнувањето во Германија, затоа што при тестирањето за ковид-19 доби позитивен тест и веќе е во домашна изолација.

Но, добра страна е што поранешниот член на Металург и Еурофарм Пелистер се чувствува добро и верува дека побрзо од очекуваното ќе им се врати на тренинзите на Хановер.  

„По пристигнувањето во Хановер веднаш бев тестиран и за жал резултатот што го добив беше позитивен. Сепак, позитивна страна е што се чувствувам одлично и немам посериозни проблеми, а исто така добро е што не бев во контакт со ниту еден мој соиграч, или пак член на Хановер, што значи дека мојот случај нема да загрози никој во клубот. Добивам инструкции од здравствениот тим на Хановер и истите максимално ги почитувам. Се надевам дека ова ќе трае пократко од очекуваното и наскоро ќе им се вратам на обврските на клубот“, за Gol,mk рече Кузмановски.

Сепак, Кузмановски нема да пропушти голем број натпревари. Германската Бундеслига по паузата се враќа овој викенд, но нема да играат сите екипи. Хановер е еден од тимовите чиј прв дуел (против Нордхорн Линген) е одложен, па првиот меч по паузата е дома со Фленсбург на 14 февруари.