Кузмановски: Победивме за Миркуловски и за ракометна Македонија!

Филип Кузмановски одигра еден од најдобрите натпревари во репрезентативниот дрес на Македонија. Бекот на Хановер имаше блескава партија и со девет гола беше најдобриот поединец во нашиот состав во победата над Чешка, која што ни донесе ново учество на Светските првенства.

По натпреварот во Скопје, Кузмановски победата му ја посвети на Филип Миркуловски, кој по скоро две децении замина во репрезентативна пензија, но и на претседателот Мукаегов и цела наша земја. 

„Сакам да им се заблагодарам на навивачите, тие беа нашиот осми играч. Не се сеќавам кога сум играл пред ваква поддршка од трибините. Среќни сме на големиот успех, но оваа победа му ја посветувам на Филип Миркуловски, како и на македонските фанови. Покажавме дека сме подготвени да ја преземеме одговорноста од нашите претходници. Ќе продолжиме да го даваме максимумот на терен за овој дрес, како тоа што го правеше Миркуловски на секој натпревар“, рече Кузмановски.

Кузмановски со девет гола беше прв стрелец на мечот со Чесите, а одличен на голот беше Митревски со 14 одбрани.