• Горан Упале
Со натпреварот од Суперкупот на Македонија ќе започне новата ракометна сезона. Шампионот и освојувачот на Купот ќе се судрат во Гевгелија за првиот овосезонски трофеј.
Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски во пресрет на средбата со Алкалоид не криеше дека „зелено-белите“ се фаворити и посака да не се повтори финалето од ланскиот Куп.
„На секој натпревар одиме на победа. Самиот клуб, самите навивачи, самиот град прават притисок да одиме на секој натпревар на победа. Се спремаме за Алкалоид, знаеме што значи натпреварот од Суперкупот, и затоа сите посакуваме со трофеј да ја започнеме сезоната. Тоа ќе ни биде многу значајно во текот на сезоната, и за натпреварите во Суперлигата и во Лигата на шампионите. Алкалоид не треба да се потцени. Знаеме за каков противник се работи, составен од многу македонски репрезентативци. Ќе бидат спремни и мотивирани. Ние сме фаворити и така ќе пристапиме. Ние сме екипа од Лигата на шампионите и не сакаме да се повтори финалето од Купот. Жалиме е за тоа и затоа сакаме да се реваншираме“, рече Кузмановски.
Суперкуп натпреварот во Гевгелија е закажан за вечерва од 19:00 часот, а ќе го судат Николов и Начевски.