• Иван Димовски
Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Филип Кузмановски, ги изнесе очекувањата за претстојните квалификациски натпревари на патот кон Европското првенство против Словенија.
Бекот на Еурофарм Пелистер зборуваше на репрезентативниот собир во Скопје пред новинарите. Кузмановски се осврна на добриот мундијалски настап, посочи дека тоа ќе биде мотив, но и притисок за во иднина. Исто така зборуваше и за публиката, а нагласи дека за квалитетот на ривалот не треба воопшто да се дебатира.
„Словенија е еден квалитетен противник. Сите знаеме со какви играчи располага. Нам ќе ни значи натпреварот, по првенството ќе играме на домашен терен пред распродадена сала, а тоа е мотивација. Го покажавме тоа и претходно кога трибините беа полни, така беше против Фарски Острови. Публиката гледа една млада и борбена екипа, а тоа го покажавме и на Светското првенство. Ни останува уште чувство како да сме на првенство, мотивацијата е огромна за нас. Тој настап многу ни значи нам, покажавме како треба да се бориме и колку добро одигравме, но и колку треба во иднина плус да покажеме. Верувам во нас, дека ќе се докажеме со Словенија, сакаме победа в среда во Скопје.
Светското првенство е и мотив и притисок. Сепак, по него пораснавме многу играчите, со поголема самодоверба ќе го дочекаме ривалот. Долго време се заедно и се познаваме. Плус едно првенство во нашите нозе ќе ни значи многу. Треба да го потврдиме тоа, иако веќе Мундијалот е минато. Веруваме во себе, млада екипа сме со добри играчи кои имаат главна улога во своите клубови. Мислам дека тоа беше адутот, бидејќи сите имаат улоги и тоа донесе резултат.
Имаме три-четири дена добро да анализираме. Стручниот штаб со сигурност ќе ни ја претстави Словенија, да бидеме најдобро подготвени. Немавме многу време да ги следиме како играат таму, ама знаеме дека и на Олимписките игри се бореше. Тие се квалитетен состав, секогаш се на големите турнири и одат на медал“, изјави Кузмановски.
Селекторот Лазаров и стручниот штаб ќе имаат кратко време да го подготват тимот на следниот предизвик в среда.