• Мартин Танасковски

Ракометната репрезентација на Македонија има ден одмор за да собере сила за клучниот дуел во првата фаза, тоа е против селекцијата на Гвинеја. Мечот го најави капитенот Филип Кузмановски кој истакна дека никој нема да се потцени и дека ќе се игра максимално ангажирано за да се дојде до победа.
„Кога ќе споредиме европски ракомет и репрезентација во Африка, не треба никого да потцениме, иако постои многу разлика. Секој се изборил да дојде на ова Светско првенство и не треба против никого да влеземе без респект. Се работи за ривал за кого играчите му играат во француските шампионати. Мотивацијата е иста против секого, секој што е тука сака да го даде максимумот.
Уште на почетокот на првенството, се спремавме за сите селекции. Повеќе фокусот беше кон Унгарија и Холандија, навистина сакавме да победиме. Мислам дека многу ќе ни значеше ако победевме. Оваа репрезентација има голем квалитет и тоа ќе го покаже во иднина. Ни следи Гвинеја, сакаме да победиме за да одиме во вториот круг. Таму не чекаат Австрија и Франција и веројатно Катар. Мора да си ја завршиме задачата добро и да продолжиме понатаму.
Сакам да ѝ се заблагодарам на публиката што дојде во така голем број, исто ни е како да играме дома. За сите нас ова е еден празник. Ја чувствуваме позитивната енергија и атмосфера, многу сме мотивирани кога заедно ќе ја запееме химната. Пример за тоа беше што во првите две кола имавме поквалитетни репрезентации на хартија, но ние се носевме со нив заедно со нашите навивачи“, изјави Кузмановски.
Македонија во последната рунда од првата фаза на СП 2025 ќе игра против дебитантот Гвинеја и со победа или реми ќе се пласира во наредната фаза каде би пренела еден бод заради ремито со Унгарија.