Кузмановски најдобар стрелец и асистент, Томовски со најмногу одбрани на ЕП!

Ракометната селекција на Македонија не успеа да ја мине првата групна фаза на Европското првенство во Данска, Норвешка и Шведска. Нашите ракометари групата Б ја завршија на третата позиција со три освоени бода, пред Романија, а зад Данска и Португалија

До трите бода на шампионатот стигнавме со победата над Романија, и големото реми со Португалија, во натпревар на кој свој блесок имаше Филип Кузмановски. Капитенот ја одигра најдобрата партија во репрезентативниот дрес, постигнувајќи 15 гола. Кузмановски беше меѓу најдобрите и на преостанатите два натпревари на Македонија, па заслужено е на врвот во две статистички категории.

Кузмановски е најдобриот стрелец и асистент во репрезентацијата. Постигна вкупно 28 гола од 43 обиди, а зад своето име забележа и 13 асистенции. Одличниот настап на Кузмановски му донесе и место во Топ 3 меѓу стрелците во првата фаза од шампионатот, пред него е  само Франциско Коста со еден гол повеќе (29). На третото место е Скипагоду од Фарски Острови со 27 гола. Треба да се напомене и дека Кузмановски е најпрецизниот пеналџија досега на ЕП, затоа што од 12 обиди постигна исто толку гола.

Втор најдобар стрелец во нашиот тим беше Серафимов со девет гола, Митев имаше осум, Велковски седум, а Павле Атанасијевиќ шест погодоци. 

Кај голманите најмногу одбрани собра Мартин Томовски, кој патем беше и единствен што настапи на сите три натпревари. Членот на Битигхајм забележа 17 одбрани, а искусниот Митревски имаше пет.