Кузмановски најдобар крадец и асистент во новиот триумф на Хановер

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски и неговиот Хановер забележаа нов триумф во Бундеслигата, совладувајќи го Лемго (31-23) во рамки на 15. рунда од германската елита.

Фаворитот на хартија лесно си ја оправда задачата, со две доминантни полувремиња. Средниот бек доби минутажа, а ја искористи да краде топки и да асистира. Кузмановски беше најдобар „крадец“ на мечот со три украдени топки, а забележа и три асистенции кои го сместија на второто место на листата.

Најдобар кај стрелците беше Елисон од Лемго со 10 гола од 12 обида, додека кај Хановер најмногу се истакнаа Бухнер и Мартиновиќ со по шест постигнати погодока.

Кил беше убедлив во дерби-дуелот со Рајн Некар Левен и го понижи противникот (32-23). Никлас Екберг имаше меч за паметење со 9/9, а поддршка му беа Рајнкајнд и Воигт со по седум гола, додека кај Рајн Некар Левен, Уве Генсхајмер запиша седум погодоци.

Третиот натпревар меѓу Нордхорн-Линген и Балинген заврши со триумф на домашните (29-27).