Кузмановски: Конкуренцијата во подмладениот тим сега е голема

Филип Кузмановски е еден од главните адути на кои се гледа за позицијата среден бек во репрезентацијата на Македонија, на настапот на Светското првенство (СП) кое во јануари ќе се игра во Германија и Данска.

Ракометарот на Еурофарм Работник вели дека овој тим е доста подмладен, но потенцира дека во него постои квалитет и дека ракометарите ги чека голема борба за место во тимот кој ќе игра на Мундијалот.

„Подмладени сме, затоа што играме без Миркуловски и Прибак. На среден бек има голема конкуренција, сите пет ракометари се добри. Имаме 15 дена добро да се подготвиме и да дадеме максимум, а селекторот ќе одлучи кој ќе игра. Притисокот е кај сите голем“, изјави Кузмановски.

Шутерот вели дека сите мечеви на Македонија во групата ѝ се важни, а фокусот е вперен кон Јапонија.

„Во групата одиме чекор по чекор, сите мечеви се важни. Имаме три европски селекции, како и две земји - Јапонија и Бахреин кои не ги знаеме. Но, мора да внимаваме против секого. Прв предизвик за нас ќе биде Јапонија, а потоа ќе мислиме на другите“, додава тој.

Во Еурофарм Работник, Филип Кузмановски почна да игра на високо ниво. Имаше солидни настапи во ЕХФ Купот, кои ги преточи и во Суперлигата. 

„На почетокот можеби бев малку во грч затоа што дојдов во нова средина. Но потоа се тргна како што треба. Со мечевите во Европа се вокомпонирав во Еурофарм Работник, а на последните средби се беше како што треба. Сега сум фокусиран на репрезентацијата. Се подготвувам за овој Мундијал, па ќе го дадам максимумот да ги пресликам игрите и во националниот дрес.“, заврши Кузмановски.

Средбите од првата фаза на Светското првенство, нашиот национален тим ќе ги игра во Минхен. Првиот дуел на светскиот ракометен собир нашите ракометари го играат на 11 јануари.

СП, Група Б
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ХрватскаХрватска 5 5 0 0 152:115 37 10
2 ШпанијаШпанија 5 4 0 1 142:114 28 8
3 ИсландИсланд 5 3 0 2 137:124 13 6
4 МакедонијаМакедонија 5 2 0 3 131:139 -8 4
5 БахреинБахреин 1 5 1 0 4 107:151 -44 2
6 ЈапонијаЈапонија 1 5 0 0 5 121:147 -26 0