• Зоран Мишевски

Македонската ракометна репрезентација игра по истите „ноти“ како на Мундијалот. Во третиот квалификационен натпревар за пласман на Европското првенство во 2026 година нашите момците почнаа моќно и по првиот дел водат со 16-15 против Словенија.
Лазаров ги сврсти Кузманоски и Карасманакис во тимот на местата на Петар Атанасијевиќ и Никола Маркоски, а неговиот колега Зорман возврати со тим без Цехте, Зарабец, Мацковшек... Филип Кузмановски отвори капитенски со два ефектни гола, а две одбрани запиша и Никола Митревски. Словенците одговараа преку Блаж Јанц, но нашиот налет беше евидентен и моќен.
Со четири гола на Филип Кузмановски и два на Марко Митев, нашата селекција поведе со 7-3 во 13. минута. Со прекрасен цепелин на двете наши крила, Цветан Кузманоски погоди на ефектен начин за +5. Словенците беа „нокаутирани“ и Урош Зорман повика минута одмор на 10-4 во 17. минута. Следеше реакција на словенечката селекција и со серија 4-1, инспирирана од Влах и Јанц, намали на 11-8. Дополнителен проблем за нашиот селектор беше црвениот картон на Карасманакис во 21. минута, заради грб старт врз Блаж Јанц.
Во кризните моменти на сцена стапија Митревски и Кузмановски, па погоди и Пешевски од линијата за 15-12 во 27. минута. Со далеку подобри напади од одбрани првиот дел заврши со македонска предност од 16-15.
Во македонската селекција најефикасни беа Филип Кузмановски со седум и Маркио Митев со четири гола, а кај Словенија се истакна Влах со пет гола.