• Мартин Танасковски

Репрезентацијата на Македонија го победи Луксембург (41-23) во првиот меч кој се одигра во Скопје во квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Очекувано, македонските ракометари демонстрираа моќ против аутсајдерот во групата, а капитенот Филип Кузмановски е задоволен од целиот пристап на екипата.
„Како што кажав пред почетокот на двата меча, мислам дека тие ни се многу важни. Имавме задачи како треба да се однесуваме и да ги искористиме грешките на противникот. Поголемиот фокус ни беше на мечот со Грција, сите кои играа со Луксембург го дадоа максимумот. Влеговме во добра ротација, немаме замор. Имаме уште три дена да се спремиме за мечот со Грција, среќен сум за тимот. Така треба да изледа Македонија на терен, тоа е модерен ракомет, добра одбрана, брза транзиција и како што кажав, овој тим ветува. Одиме чекор по чекор да се надградуваме и да одиме понатаму со самодоверба. Мислам дека имаме квалитет да покажеме уште повеќе во иднина“, изјави Кузмановски.
Следниот квалификациски меч за Македонија на патот кон ЕП 2028 е на гостински терен во Грција, закажан на 8 ноември со почеток од 16:00 часот.





