Кузмановски: Имаме ростер кој ветува, но потребен ни е победнички менталитет

Македонскиот репрезентативец, Филип Кузмановски, се врати во редовите на Еурофарм Пелистер и се заблагодари на управата за укажаната можност повторно да заигра за македонскиот шампион, кој е воедно и клубот каде ја започна својата кариера. 

Популарниот „Фитиљ“ се очекува да биде големо засилување за пелистерци и да му помогне на тимот во остатокот од тешките предизвици, како во Лигата на шампионите, така и во домашното првенство. 

„Сакам да се заблагодарам на сите во клубот за укажаната доверба. Ми дадоа шанса да се вратам во Битола и да настапувам заедно со моите соигрчи во тешките предизвици кои ни следуваат. Ги следев сите досегашни натпревари на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите и знам во каква ситуација сме, но нашиот ростер ветува и мислам дека можеме да забележиме позитивни резултати. 

Во домашното првенство ќе бидеме фаворити на секој меч, меѓу нас има многу професионалци, а јас ќе се обидам да го пренесам моето искуство од Бундеслигата и ќе се трудам да изградиме победнички менталитет, кој многу ни е потребен“, изјави Кузмановски. 

Филип Кузмановски пристигнува во Битола по четири години минати во силната Бундеслига, каде настапуваше за Магдебург, Хановер и Вецлар. Претходно играше и под „палката“ на легендарниот Лино Червар во Металург, а кариерата ја започна токму во тимот на Пелистер.