Кузмановски игра моќно пред ЕП, со „пет од пет“ најдобар во триумфот со РНЛ!

Филип Кузмановски се „наостри“ пред Европското првенство и беше најдобар во победата на Хановер на гостувањето кај Рајн Некар Левен од 25-31 (15-16). Иако „лавовите“ од Манхајм беа фаворит на домашниот дуел, Кузмановски и соиграчите приредија изненадување за крај на есенската полусезона. 

Уште од стартот Хановер наметна темпо и водеше, ама не успеваше да се одлепи. Со гол позитива замина на паузата, а и во вториот дел тргна одлично. Предоста порасна по паузата, гостите се одлепија и Рајн Некар Левен немаше шанси за кам-бек. Во завршницата Хановер поведе и со најубедливи седум гола, за сигурно славје во Манхајм. 

Македонскиот репрезентативен бек Филип Кузмановски беше најдобар поединец на својот тим со пет погодоци од исто толку обиди. Со ист учинок беше и неговито соиграч Певнов, но Кузмановски запиша и четири асистенции во оваа пресметка. 

По добриот период во Хановер бекот ќе допатува во Македонија и ќе се приклучи на репрезентативниот табор во Маврово за последните подготовки во пресрет на Европското првенство.