Кузмановски и Пешевски ја минаа првата пречка во Купот на Германија

Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Кузмановски имаше одличен настап за својот Хановер против Лангенфелд, во рамки од второто коло на Купот на Германија.

Бундеслигашот без многу проблеми ја мина својата прва пречка и со победата од 19-42 ја продолжува битката во најмасовното натпреварување во Германија. Поранешниот среден бек на Пелистер, Еурофарм Работник и Металург беше на висината на задачата и натпреварот го заврши со четири постигнати гола. 

Пласман во следното коло обезбеди и тимот на Штутгарт, на Жарко Пешевски, кој на гости со 26-34 славеше победа над тимот на Римпар. На овој дуел македонскиот кружен напаѓач беше творец на два гола.

Од вечерашната програма на 1/16-финалето на Купот на Германија, највозбудливо беше во Лајпциг, каде што домашниот тим го загуби бундеслигашкото дерби од Рајн Некар Левен со 24-31.