Кузмановски и Манасков имаат понуди да останат, а ќе пристигнат уште засилувања!

На денешната промоција на Лино Червар за нов тренер на Еурофарм Пелистер, претседателот на македонскиот вицешампион - Зоран Стерјев, истакна дека клубот е во преговори со уште две засилувања, а потврди и дека капитенот Филип Кузмановски и Дејан Манасков имаат отворена понуда да останат во клубот. 

„Се очекува да пристигнат уште едно до две засилување. Еден ќе биде десен бек, а за другиот се уште немаме одлучено – може ќе биде среден, а може лев бек. За тоа ќе одлучи тренерот.

Што се однесува до Кузмановски и Манасков, ситуацијата е јасна. На двајцата им доставивме понуди за продолжување на договорите, сега се чека на нив. Капитенот на маса има понуда за нов двегодишен договор, додека Дејан за една плус една сезона. Мислам дека ние како клуб направивме многу за нив. Кај нас задоволството е големо од прикажаното од нив двајца, но и тие треба да знаат дека минатата сезона не беше успешна за нас, поточно не ги остваривме зацртаните цели“, рече Стерјев. 

Еурофарм Пелистер досега доведе шест нови ракометари, а од Битола, барем засега си заминаа четворица.