Кузмановски и Хановер убедливо против Бергишер за деби победа на Прокоп во Бундеслигата

По поразот на отворањето на шампионатот од фаворизиранот Рајн Некар Левен, екипата на Хановер ја забележа првата победа во новата сезона во Бундеслигата.

На дуелот против Бергишер, момците на новиот стратег Кристијан Прокоп одиграа сосема коректно и квалитетно и со убедливи 28-20 ги впишаа првите бодови на табелата во германската ракометна елита. Резултатска неизвесност речиси и да немаше, затоа што Хановер уште од самиот старт го презеде водството и не во ниту еден момент не го испушти. 

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски во оваа победа на својот тим учествуваше со еден гол, додека најпрецизен кај Хановер беше Мартиновиќ со шест погодоци.

Во денешната програма од Бундеслигата, Рајн Некар Левен им приреди разочарување на своите фанови, затоа што загуби од тимот на Хамбургер, додека големото дерби меѓу Кил и Флензбург заврши со победа на домаќинот од 33-23.