Кузмановски: Горд сум на момците, а огромно благодарам за битолската публика!

Еурофарм Пелистер одиграа одлично првото полувреме против  Алборг, но сепак, остана без бодови и во последниот натпревар пред својата публика во Лигата на шампионите.

Гостите од Данска извојуваа сигурна победа од 28-33, а по средбата пред полните трибини во Битола своите импресии ги искажа капитенот на домашниот тим, Филип Кузмановски.

„Прво да ѝ се заблагодарам на публиката што повторно дојде во толкав број и нè бодреше во текот на целиот натпревар. Искрено немавме многу време за да се спремиме доволно за овој натпревар, бидејќи во меѓувреме имавме и тешки натпревари во плеј-офот. Со играта „седум на шест“ сакавме да го спречиме нивниот брз центар и успеавме во тоа. Сега треба добро да се одмориме, и сите мисли да ги насочиме кон домашниот шампионат. И самите видовте дека во плеј-офот нема лесен противник, не треба никој да се потцени и затоа мораме да бидеме максимално спремни за секој натпревар. Горд сум на момците што го издржаа ова напорно темпо и сигурен сум дека ќе продолжиме во ист стил и понатаму и ќе ја оствариме нашата зацртана цел“, изјави Кузмановски.

Македонскиот репрезентативец го одигра можеби најдобриот натпревар во „зелено-белиот“ дрес оваа сезона и со девет гола беше најефикасен на паркетот.