Кузмановски фаќа ритам во Бундеслигата, „пет од пет“ и против Ерланген

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски продолжува со одличните партии во последниот период во Бундеслигата, откако вечерва повторно беше перфектен.

Во рамките од 12. коло на германската ракометна елита, Хановер одигра без победник на гостувањето кај Ерланген (21-21), а македонскиот бек дуелот го заврши без промашување, односно со пет гола од исто толку обиди (три во првиот и два во вториот дел). 

Поранешниот ракометар на Пелистер, Металург и Еурофарм Работник полека, но сигурно фаќа ритам во Бундеслигата, откако третпат во низа реализира петпати на еден натпревар, а втор пат без промашување. Единствено Хрватот Мартиновиќ со седум гола беше порасположен од него во таборот на Хановер. 

Со овој бод Хановер се искачи на 13. позиција на табелата во Бундеслигата со 10 бода, а во следното коло го чека дуел со Рајн Некар Левен.