Кузмановски: Еурофарм чекори по вистинскиот пат, очекувам поддршка од битолчани!

Македонскиот претставник во ЕХФ Купот утрово ги дозна своите противници во историската група фаза и на пролет ќе се судри против Нексе, Татабања и германски Хановер

Најголемото засилување на „фармацевтите“ова сезона, Филип Кузмановски, за Gol.мк вели дека Еурофарм Работник чекори кон вистинскиот пат и со помош од битолската публика противниците можат да паднат во салата „Боро Чурлевски“. 

„Со моето доаѓање, мислам дека Еурофарм Работник чекори кон вистинскиот пат. За овој клуб се одлучив не за да играм во македонскиот шампионат, туку квалитетите да ги покажеме на европска сцена. Со победите над Берн мислам дека го заслуживме овој пласман. Сега, без разлика какви ќе бидат плановите на управата, наше е максимално да им се посветиме на подготовките за овие натпревари. Некои очекуваа потешка, а некои полесна група, но тоа не треба да нè оптоварува, треба да мислиме само на нашата игра“, вели македонскиот репрезентативец. 

Лидерот на табелата во Суперлигата оваа пролет ќе се натпреварува на два фронта, но според Кузмановски тоа не би требало да му претставува проблем на тимот.  

„Без разлика на европските натпревари својот максимум ќе го дадеме и во плеј-офот во Суперлигата. Знаеме дека наша најголема пречка за посакуваната втора позиција ќе биде тимот на Металург, кој моментално е поискусен од нас, но тогаш ние ќе ја темпираме формата и во Европа, а тие ќе играат само домашни натпревари, што е позитивен податок за нас“, додаде македонскиот репрезентативец. 

Еурофарм Работник доби голема поддршка од битолчани за натпреварот против Берн, а Кузмановски очекува полна сала и на претстојните три натпревари од групната фаза. 

„Битолчани уште против Берн докажаа дека го сакаат ракометот. Сигурен сум дека и на овие натпревари салата ќе биде преполна и ќе ни биде нашиот осми играч и заедно да славиме победи во ова натпреварување“, заврши Филип.

Еурофарм својот прв меч во ова натпреварување ќе го одигра на почетокот на февруари, а фајнал-фор ќе обезбеди само првата екипа од четирите групи.