„Кузмановски е супер-момче со голем потенцијал, може пак ќе соработуваме!“

Филип Кузмановски отвори ново поглавје во кариерата и од редовите на Магдебург се пресели во Хановер. За трансферот на македонскиот репрезентативец говореше Бенет Вигерт, тренерот на Магдебург, кој истакна дека популарниот „фитиљ“ има голем потенцијал.

Истовремено, Вигерт истакна дека се надева на идна нова соработка со средниот бек кој останува во Бундеслигата.

„Кузмановски е млад играч во кого гледам голем потенцијал, но за жал го немавме потребното трпение. Затоа се одлучивме за разделба, замина во друг клуб. Ќе продолжам да го следам како ракометар и да го пратам неговиот развој, можеби еден ден пак ќе соработуваме во иднина. Навистина го сакам тоа момче и му посакувам многу среќа во иднина“, изјави Вигерт.

Кузмановски во Бундеслигата се пресели од Еурофарм Пелистер, а претходно беше член на Металург со кого играше во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.