• Горан Упале
Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски одигра уште еден одличен натпревар во дресот на Кувајт Клуб во Азискиот шампионат. Во последното коло од групната фаза Кувајт ја загуби драмата со Шарџа од Обединетите Арапски Емирати, но и покрај тоа обезбеди место меѓу најдобрите четири екипи на турнирот.
Конечниот резултат беше 30-29 за Шарџа, а нашиот капитен одново беше меѓу најдобрите поединци во својот тим. Кузмановски натпреварот го заврши со осум постигнати гола, но ниту тие не беа доволни за нова победа.
Сепак, Кувајт обезбеди пласман во полуфиналето и утре силите ќе ги одмери со екипата на Ал-Калиџ од Саудиска Арабија за која настапува поранешниот вардарец Дмитро Хориха. На 16 овој месец е закажана финалната средба, а победникот обезбедува место на ИХФ Суперглоуб, што е Светско клупско првенство.