Кузмановски: Ова е една нова Македонија, наше е уште да напредуваме

Македонија ги дозна ривалите за следното Европско првенство во ракомет. Ждрепката во Будимпешта ни донесе тешка група, затоа што за втора фаза ќе се бориме со големата Данска, како и со незгодните селекции на Словенија и Црна Гора.

Еден од најдобрите македонски ракометари, Филип Кузмановски ни изјави дека оваа Македонија има квалитет и желба да се надигрува и со најголемите, а најави дека така ќе биде и на натпреварите во Дебрецен.

„После Светското првенство во Египет свртивме еден нов лист, со нов предводник. Во соблекувалната владее одлична атмосфера, кај сите ракометари има голема жалба за докажување, немам коментар за тоа какво е чувството да си дел од оваа селекција. Уште во квалификациите можеше да се види една нова Македонија, која што сака да се докажува и против најдобрите на светот и дека има квалитет да се надигрува со секој. Тоа го покажавме со Данска. Сега повторно имаме шанса да играме со Данска, селекцијата за која не треба да се трошат зборови за тоа каков квалитет поседува, но ниту останатите два ривали не се лесни. Без разлика на тоа, наше е да продолжиме напорно да работиме и да се надградуваме. Се надевам дека пандемијата ќе заврши и нашите навивачи ќе се вратат на трибините затоа што знаеме колку ни значи нивната поддршка на ваквите собири“, изјави Кузмановски за Gol.mk. 

Првиот натпревар го играме против Словенија, на 13 јануари, во второто коло ќе се сретнеме со Црна Гора, а првата групна фаза ќе ја завршиме со дуел со Данска.