Кузмановски: Бев многу мотивиран, дишеме како еден и изгинавме за бодовите

Вторпат оваа сезона Вардар 1961 убедливо поразен се враќа од Битола. Ако ноемврискиот пораз беше како победа, заради подобриот меѓусебен скор со шампионот, денешниот остава дилеми за квалитетот на вардарци.

Филип Кузмановски лидерски ја поведе својата екипа до победата од 27-21, а по натпреварот откри дека посебно бил мотивиран.  

„По подолг период се вратив во мојот матичен клуб, бев многу мотивиран и цело време мислев на ваквите дерби натпревари. Имавме среќа да отвориме во плеј-офот против Вардар 1961. Сите знаеме што значи ова дерби, среќен сум за победата и за мојата екипа.

Изгинавме до остварување на целта, иако во првиот дел игравме во грч. Големо брагодарност до нашите навивачи, кои ни дадоа поддршка кога најмногу требаше. Оваа победа многу ни значи, знаеме што следи во плеј-офот и ќе одиме натпревар по натпервар. Нема опуштање, бидејќи овој плеј-оф е најдобар во последните години. Нема никого да потцениме. Ова е само еден голем чекор за клубот, градот, претседателот, навивачите“, рече Кузмановски.

Репрезентативецот потенцираше дека тимот ќе биде посилен кога ќе се комплетира со враќањето на Сери и првите настапи на Пуоховски и Манасков.  

„Имавме многу добар ростер. Нашиот тренер има тешка задача да ги одбере оние кои ќе играат. На тренинг секој се бори за место во тимот, даваме максимум и само да продолжиме во овој ритам. Дишеме како еден и имаме хемија во тимот“, ни рече капитенот на Еурофарм Пелистер.

Вториот дуел меѓу вардарци и пелистерци закажан е во осмото коло, некаде на неполни два месеци.