Кузманоски: Среќен сум, порано од предвиденото се изборив за дресот на Еурофарм Пелистер (ВИДЕО)

По промоцијата во четвртокот, Еурофарм Пелистер денес го претстави најновото засилување во својот ростер. Имено, во клупските простории позираше новото лево крило, репрезентативецот Цветан Кузманоски. Новото засилување потпиша договор со битолскиот клуб до јуни 2024 година.

Новопечениот репрезентативец ја зголеми струшката колонија во тимот на Жељко Бабиќ и веќе му се става на располагање на стручниот штаб за дуелот со Татран Прешов в сабота.

„Уште пред потписот со Еурофарм Пелистер 2 моја цел беше да заиграм за првата екипа. Еве тоа се случува порано од предвиденото и очекуваното. Ќе дадам сè од себе да се наметнам што подобро и да добијам поголема минутажа. Знаеме за каков клуб станува збор, клуб со голема традиција и многу сум задоволен од досегашниот престој во тимот. Се вклопив одлично во екипата, сите добро ме прифатија, а со некои се знаев и од порано. Мислам дека клубот е добро организиран и имаме добри услови за напредок како млади играчи“, вели 21-годишниот Цветан Кузманоски.

Стружанецот упати благодарност на колегите од Еурофарм Пелистер 2 и тренерот Јовиќ.

„Пофалби за тренерот Александар Јовиќ. Имавме напорна прва полусезона и покрај проблемите со корона вирусот. Напорно трениравме, се спремавме за исполнување на целта, а тоа е место во плеј-офот. Успеавме тоа да го оствариме и еве сум тука во првиот тим“, заврши младото крило.

  • Комплетната изјава на Цветан Кузманоски: 

Пред да дојде Кузманоски, на Еурофарм Пелистер оваа зима му пристапи и египетскиот репрезентативен голман Карим Хендави.