Кузманоски: Најважно е што ја докажав невиноста, Еурофарм безрезервно ме поддржуваше!

Беше суспендиран заради користење на недозволена супстанца и подолго време беше надвор од ракометните терени, но Горан Кузманоски уште еднаш ја покажа својата љубов кон овој спорт, беше трпелив, ја докажа својата невиност и се врати во стројот на Еурофарм Работник и тренерот Стевче Алушовски. 

Искусниот организатор на играта на битолскиот суперлигаш пред два дена го одигра својот прв натпревар по суспензијата, против Гуиф, а во изјава за Gol.мк најпрво им се заблагодари на сите за големата поддршка и најави дека е подготвен да го даде максимумот за тимот во новата сезона.

„Како прво сакам да кажам едно ГОЛЕМО благодарам за поддршката од Еурофарм и тренерот Стевче Алушовски. Како и за фамилијата и моите најблиски. Јас лично верував и верувам дека нема да имам никаков проблем со враќањето на ракометниот терен. Желбата за ракомет ми беше уште поголем мотив во овој период. За мене најважно беше што ја докажав мојата невиност и што се враќам на терените“, вели Кузманоски.

По базичните подготовки во Маврово, Еурофарм Работник се пресели во Струга, каде денес ќе го одигра првиот натпревар од традиционалниот турнир против тимот на Пролетер (18:30 часот). 

„Турнирите во Струга и Добој ќе ни бидат почетна фаза во овој подготвителен период. Имаме доста нови играчи, сите работевме напорно во Маврово и за нас од Струга започнува најважниот дел од оваа сезона. Фаворити сме на овој турнир, но за нас и тренерот најважно е да влеземе во новиот систем и да ја воиграме екипата како што посакуваме“, додаде искусниот ракометар. 

Со враќањето на Кузманоски, тренерот Алушовски несомнено доби големо засилување во своите редовите за претстојната сезона, односно калибар на ракометар кој на својот грб носи огромен број на интернационални натпревари.

Во Струга, 36-годишниот Кузманоски ќе го брани признанието најдобар стрелец освоено во ланската сезона, кога со 22 гола беше најефикасен ракометар на турнирот.