Кузманоски: Битола докажа дека е ракометен град, очекувам уште едно неизвесно дерби!

Плеј-оф ждрепката од ракометната Суперлига посака првото коло да биде зачинето со големото градско дерби на Битола помеѓу екипите на Еурофарм Работник и Пелистер. 

Судејќи по настаните од регуларниот дел од сезона и последниот меѓусебен натпревар од пред две седмици, битолчани оваа сабота сигурно ќе бидат сведоци на уште еден квалитетен и до последни мигови неизвесен ракометен натпревар.  Новајлијата во дресот на „фармацевтите“ искусниот Горан Кузманоски за Gol.mk истакна дека на претходното дерби Битола потврди дека е ракометен град и дека Еурофарм Работник е подготвен за нова борба со пелистерци.

„Најпрво морам да признaам дека бев пријатно изненаден од случувањата на нашиот прв натпревар оваа пролет и можам да кажам дека ова не е само битолско, туку и македонско дерби. Салата беше исполнета до последно место, атмосферата беше фантастична, што е потврда дека Битола е ракометен град. Тој меч го добивме по една тешка борба, но сепак, сигурен сум дека овој ќе биде далеку поразличен, бидејќи има поголема тежина и дека двата тима сакаат со победа да го започнат плеј-офот. Цела седмица се подготвуваме за ова дерби, спуштени сме на земја и мислам дека ќе одиграме уште еден квалитетен и паметен натпревар“, изјави поранешниот македонски репрезентативец. 

Кузманоски смета дека Еурофарм Работник располага со голем број на квалитетни и искусни ракометари и без разлика против кого се натпреварува во овој плеј-оф ќе ја искористи секоја пружена шанса за успех.

„Јас отсекогаш сум размислувал од натпревар во натпревар. Цела екипа знае дека во плеј-офот нè очекуваат многу тешки дуели. Со Металург се разбира дека не сме фаворити, но сигурен сум дека нема да се предадеме на тие дуели и доколку ни се пружи шанса ќе ја искористиме. Еурофарм има квалитетна екипа има две одлични постави, добро се работи на тренинзите и мислам дека плеј-офот ќе го завршиме успешно“, додаде искусниот Кузманоски. 

Битолското дерби е закажано за в сабота со почеток од 18.30 часот, а домаќин на хартија ќе биде тимот на Еурофарм Работник.