Кушан: Поразот од Вардар ни ги скрати шансите за титула, но тука е Купот и СЕХА

Кушан

Томислав Кушан доби можност за настап во хрватската репрезентација за време на ЕХФ неделата. Противниците на тимот предводен од Хрвоје Хорват беа Словачка и Унгарија.

Членот на Еурофарм Пелистер е среќен што е дел од својата репрезентација и се надева дека ќе покаже квалитети за да биде стандарден во иднина.

„Драго ми е што добив шанса. Јас би рекол дека беше солидно, дека е многу тешко да се играат три натпревари само по два или три тренинзи и да се очекува максимум. Но, мислам дека покажавме многу добри работи во оваа нова постава“ , изјави кружниот напаѓач.

Потоа 26-годишникот зборуваше за шансите на пелистерци во тековната сезона во судирот со Вардар.

„Да, ги загубивме шансите за титула со поразот од осум разлика во Скопје, би се рекло, но сепак го имаме Купот и секако амбицијата постои да возвратиме. Тука е и СЕХА во која сè уште треба да играме со Загреб. Добрата работа никогаш не е доволна. Задоволен сум во Битола, го добив тоа што го сакав, иако морам да кажам дека не очекував дека по Шпанија сè ќе се одвива токму така. Но, целата кариера е таква. Навикнат сум“ , рече Кушан.

Хрватот пристигна во Македонија пред една година од Натурхаус Ла Риоха и потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер.