Кушан: Едвај чекам да заиграм пред битолската публика, Вардар ќе биде симнат од тронот

По три години минати во Шпанија, носејќи го дресот на Натурхаус Ла Риоха од Логроњо, хрватскиот интернационалец Томислав Кушан се реши за нов предизвик и во следната сезона ќе настапува во градот на ракометот. 

26-годишниот кружен напаѓач си подаде рака со Еурофарм Пелистер и во Битола ќе остане најмалку две сезони. За неговите услуги имаше интерес од повеќе европски клубови, но најприфатлива била онаа од Битола. Кушан за Gol.mk открива како дојде до трансфер во Еурофарм Пелистер и ни ги искажа своите очекувања од новиот дрес.

„Менаџерот ме информираше дека за мене се заинтересира Еурофарм Пелистер. Добро ги разгледавме сите понуди и на крај решив да се преселам во Битола. На маса имав повеќе опции, но освен Пелистер, ниту една не доаѓаше од Македонија или Балканот. Мора да признаам дека голем фактор за моето пристигнување во Битола е тренерот Бабиќ, но не и клучен“, открива хрватскиот ракометар.

Ростерот на Жељко Бабиќ е исполнет со ракометари од балканските простори, така што Кушан смета дека нема да има проблеми за адаптација и едвај чека да заигра пред битолската публика. 

„Со оглед на тоа што тимот е составен од балкански ракометари, сметам дека немам да имам поголеми проблеми за адаптација. Знам што ме чека во новиот клуб. За битолската атмосфера многу сум слушал и едвај чекам да го почувствувам тоа на своја кожа“, вели Кушан.

Вардар и Металург ќе бидат најголемите противници на битолскиот суперлигаш во новата сезона, а новиот кружен напаѓач на Еурофарм Пелистер верува дека на крај титулата од домашниот шампионат ќе дојде во Битола. 

„Низ годините сум ги следел настапите на Вардар и Металург. Се работи за сериозни и квалитетни тимови, но во новата сезона мислам дека Еурофарм Пелистер може да ja одземе титулата од Вардар“, завршува Хрватот.

Пред да премине во АСОБАЛ лигата и да заигра за клубот од Логроњес (поранешен клуб на Јоноски и Наумче Мојсовски), Кушан настапуваше за Пореч и Медвешчак.

Со Мараш, Танкоски, Периќ, Мандалиниќ и Кушан битолчани имаат пет новајлии и сите ќе се јават на првата прозивка на Жељко Бабиќ на 27 јули.